Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска информира дека неколку пати досега е отворено прашањето за зголемување на казните за неносење маски, но смета дека тоа само по себе нема да даде ефект.
Одговарајќи на новинарско прашање дали ќе се зголемат казните за неносење маски со оглед на тоа што секојдневно се високи бројките за непочитување на оваа мерка, Спасовски истакна дека зголемувањето на бројот на казни, што во моментот се движат од 800 до 900 на ден, покажува дека имаме не почитување на овие одлуки, но се покажува и решеноста да истраеме во спроведувањето на одлуките.
– Не мислам дека само зголемувањето на казните ќе даде ефект. Некогаш е многу поважно ако треба и со помала казна, меѓутоа да се почитуваат тие мерки што ги имаме со поголеми контроли. Сметам дека малку и нивото на разбирање на сериозноста на состојбата со КОВИД-19 ќе не доведе уште повеќе да ги почитуваме мерките што ги предлагаат здравствените власти, а членовите на Влада ги носат одлуките, со цел да ги заштитиме граѓаните, изјави министерот Спасовски, кој денеска учествуваше во хуманитарната акција во организација на Општина Гази Баба.