551
Зголемувањето на акцизата на горивата за три денари за време на вонредната состојба и седум месеци по завршувањето коешто го одлучи Владата на Република Северна Македонија е времено и условено. Уредбата претставува уште една антикризна мерка и во случај на зголемување на цената на нафтата, акцизата ќе се намали или ќе се врати на претходното ниво, се вели во соопштението на СДСМ.
Тие објаснуваат дека трите денари од повисоката акциза за нафтените деривати ќе одат директно во буџетот, наменети за поддршка на стопанството, за социјалните мерки преку кои државата им помага на граѓаните, како и за поддршка на здравствениот систем. Висината на акцизата ќе биде условена од цената на нафтата на светските берза. Во вонредна состојба на сегашната акциза се наплаќаат дополнително три денари, два денари или нула денари согласно движењата на цената на нафтата на странските берзи.
-Согласно Уредбата, во случај цената на нафтата да е под 400 долари по тон, средна берзанска цена на котација „Mediterranean cargoes FOB (Italy)“, како што е сега, тогаш ќе се пресметуваат дополнителни три денари на постојната акцизата. Доколку цената е од 400 до 600 долари за тон, ќе се пресметуваат два денара покачување на акцизата. Во случај цената се врати на нивото од над 600 долари од тон, како што беше на почеток на годината, тогаш нема да се пресметува покачување на акцизата, односно ќе биде нула денари. Тоа значи дека доколку малопродажната цена на горивата се зголеми за 10 денари, на основната акциза ќе се пресметува зголемување од 2 денара. Ако малопродажната цена на горивата се зголеми за над 20 денари, акцизата ќе се врати на старо, односно ќе се пресметува 0 денари додаток, објаснуваат од СДСМ.
Тие велат дека од почетокот на годината малопродажната цена е намалена за 20 денари, а согласно светските случувања се уште се намалува. Исто така треба да се земе предвид и времениот карактер и условеноста на акцизата од цената на нафтата на светските берзи, односно, ако таа се зголемува, акцизата ќе се намалува.
-Антикризното, времено и условено зголемување на акцизата за три денари е директна инјекција во државниот буџет и ќе помогне и на граѓаните и на дтопанството во справувањето со последиците предизвикани од здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот, порачуваат од СДСМ