Зголемени цените на угостителските услуги во владините објекти:„Нема веќе багатела јадење на државна сметка“

by Fokus

Директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски најави зголемување на цените на угостителските услуги во владините објекти.

Томовски вели, нема повеќе “багатела” јадење на државна сметка, како и дека во изминатиот период, јавноста често со право обрнуваше внимание на ниските и непазарни цени по кои се користеа угостителските услуги на (СОЗР) на Владата.

-Во таквите дебати особено беше апострофиран собранискиот и владиниот ресторан, каде цените на услугите и производите беа значително пониски од оние на слободниот пазар достапни за граѓаните. Излегувајќи во пресрет на овие оправдани повеќегодишни забелешки, како и во функција на натамошно рационализирање, на мој предлог како директор на СОЗР, Владата вчера едногласно усвои првична одлука за зголемување на цените на угостителските услуги за 50%., информира Томовски.


Тој вели дека ваквото зголемување на цените не е прекумерно имајќи предвид дека претходно цените беа значително пониски во споредба со приватниот пазар.

Томовски најавува дека во периодот што следува, ќе се прават дополнителни анализи и секогаш кога ќе се јави потреба поради отстапувања од пазарните цени, ќе има корекции на истите.

-Важно е да се обезбеди еднаков пристап на сите услуги, но без привилегии за избраните функционери и раководниот кадар, вели директорот на СОЗР.

Поврзани новости