Минатата година бројот на починати лица во Македонија бележи благ пораст од 0,1 процент во однос на претходната година, покажуваат официјалните податоци на Државниот завод за статистика.
Вкупно починале 20.201 лица, од кои 10.604 се мажи (52,5%), а 9.597 жени (47,5%). Забележливо е дека мажите, во просек, умираат 4,9 години порано од жените. Просечната возраст на починатите мажи е 71,9 години, додека кај жените таа изнесува 76,8 години.
Најголем број смртни случаи биле регистрирани во месец јануари (2.010), а најмалку во април (1.518).
Кога станува збор за причините за смрт, водечка причина остануваат болестите на циркулаторниот систем, кои се причина за смрт кај 36,7% од вкупно починатите. Следуваат неоплазмите (малигни болести) со 19,6%, а потоа ендокрините, нутритивните и метаболичките заболувања со 7,7%. Болестите на респираторниот систем сочинуваат 4,1% од вкупните случаи.
Минатата година се регистрирани и 47 смртни случаи кај доенчиња, што претставува 0,2% од вкупниот број починати.