Контролорите на летање најавуваат целосен штрајк: Македонското небо би можело да се затвори на 10 јули

by fokus

Синдикатот на контролорите на летање во Македонија најави дека на 10 јули ќе стапат во целосен штрајк и ќе го затворат воздушниот простор, доколку раководството на М-НАВ не ги исполни нивните итни барања.

Претставниците од синдикатот изнесуваат сериозни обвинувања дека, и покрај позитивниот став на Министерството за финансии за ангажирање инженери и метеоролози, раководството наместо тоа вработува партиски советници и лица со средно образование на споредни позиции.

Контролорите истакнуваат дека системот за управување со авиосообраќај е веќе децении стар; последната опрема е набавена во 2001 година, а новиот систем, купен во 2014, сè уште не е ставен во употреба.

Дополнително, над македонскиот воздушен простор во последниот период има зголемување на прелетите за 30 проценти, главно поради воени тензиите меѓу Израел и Иран, што го доведува системот до можност за преоптоварување и ризик за безбедноста.

Синдикатот инсистира на веднаш да се реализираат договорите од декември 2024 година, како и на неопходното вработување стручна работна сила и конечно имплементирање на новиот систем за контрола на воздушниот сообраќај. Ако до 30 јуни не се исполнат овие барања, штрајкот ќе биде неизбежен, предупредува синдикатот.

Поврзани новости