Зголемена излезност во Карпош и Центар, намалена во Бутел и Сарај

by Фокус

Во споредба со првиот изборен круг, во вториот изборен круг се забележува зголемена излезност во скопските општини каде се гласа и за градоначалник на тие општини и плус за градоначалник на Град Скопје, додека излезноста е помала онаму каде се гласа само за скопски градоначалник.

Заклучно со 18.30 часот, во Карпош излезноста била за 3,7 отсто повисока отколку во првиот круг, а во Центар за над 3 отсто повисока. Како што е познато, во овие две општини не беше избран градоначалник во првиот круг, па двајца кандидати влегоа во вториот круг.

Во речиси сите други скопски општини што добија градоначалници во првиот круг –  Аеродром, Кисела Вода, Ѓорче Петров, има намалена излезност за нецел процент, додека во Гази Баба и Бутел намалувањето е уште поголемо и изнесува 1,8, односно 6,5 проценти.

Притоа, најголем пад има во Сарај, каде во вториот круг до 18.30 на гласање излегле дури 14 отсто помалку отколку до истиот период во првиот круг. Во втората „албанска“ скопска општина Чаир, пак, има зголемување од 1,6 отсто, но таму се бира и градоначалник на општината.

Што се однесува до другите поголеми градови во земјава каде се бира градоначалник во вториот круг безмалку секаде зголемена излезност, која во Куманово изнесува 1,6 отсто, во Охрид 3,7 отсто, во Тетово 4 отсто, во Кичево 4,2 отсто, во Битола 4,9 отсто итн.

Поврзани новости