Според вчера објавениот извештај на Институтот за јавно здравје за изминати 24 часа, регистрирани се 3803 оздравени пациенти. Тоа е најголем број регистирирани оздравени пациенти од Ковид-19 за еден ден досега. Регистрирани се и 123 нови случаи со Ковид-19 и 17 починати.
Вкупниот број ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 154.494, бројот на оздравени пациенти е 143.069, на починати е 5.168, а на активни случаи изнесува 6.257 од кои 2650 во Скопје.
Се намалува и бројот на хоспитализирани на инфективните одделенија во државава. Вкупно се лекуваат 638 пациенти со Ковид-19 од кои 262 во Скопје.
Вакцинацијата против Ковид-19 во државава се одвива непречено на сите пунктови низ државата.
Вкупно се аплицирани 175.348 дози вакцини, а ревакцинирани се 25.648 граѓани. Вчера, вкупно се вакцинирале 14.548 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 13.751 граѓани.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера на својот фејсбук профил објави дека желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk изразиле 330.513 граѓани.
– Пријави се на vakcinacija.mk бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат до термин за вакцинација, напиша Филипче.
Поради намалениот број на пациенти со Ковид-19 веќе се затворени ковид – центрите на клиниките за гастроентерохепатологија, кардиологија, за ОРЛ, за очни Болести и Институтот за Физикална терапија. Од почетокот на неделава, како што информираа од Министерството за здравство, без ковид пациенти се и клиниките за урологија и Пластична хирургија кои веќе почаа со редовен хируршки програм.
Од Министерството посочија дека утре ќе се затвори и ковид – центарот на Клиниката за трауматологија при ТОАРИЛУЦ, а од понеделник клиниките за ортопедија и за трауматологија почнуваат со редовен хируршки програм.