Вкупно 112 случаи на ковид-19 биле регистрирани во август годинава во земјава, што е речиси петпати повеќе во однос на бројот на инфицирани во јули, покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје.
„Во однос на јули се регистрира зголемување на бројот на пријавени од ковид-19 за 4,6 пати, a во однос на август 2022 година, се регистрира многукратно намалување на заболените. Од заболените во август 2023, најголем број на заболени се пријавени од Скопје, а највисока инциденца се регистрира во Кавадарци“, велат од ИЈЗ.
Зголемувањето на бројот на ковид-позитивни пациенти во овој период, вели во изјава за МИА директорката на Клиниката за инфективни болести, Милена Стевановиќ, е многу логичен след со оглед на тоа што по летните одмори луѓето се враќаат од различни страни на светот.
Но и покрај растот на бројот на заразени, Стевановиќ уверува дека кога е во прашање коронавирусот – нема место за паника. Според неа, вирусот ќе биде присутен исто како што е присутен и грипот.
-Шестмина хоспитализирани пациенти имаме во моментов, примени изминатите денови, повозрасни, над 70 години, сите со сериозни коморбидитети и тешки болести, како малигност, срцева болест. Двајца од нив се во сериозно тешка состојба. Во тек на вчерашното дежурство, има десетина амбулантски прегледи на ковид-позитивни, со лесна клиничка слика, за лекување во домашни услови. Повеќето пациенти се со лесна клиничка слика – информира таа.