Секторот за внатрешни работи Битола информира дека зачестиле пријави од граѓани кои се измамени со злоупотреба на личните податоци, односно подигнување на брзи кредити во име на трето лице, за кое оштетените не се запознати.
Битолчани се измамени со сомнителни електронски пораки, со лажни наградни игри, т.н. лотарии и писма за наследства.
–Со цел спречување на злоупотребата на лични податоци, кражбата на идентитет, како и злоупотребата на дебитните и кредитните картички, во пресрет на празниците, кога се очекуваат зголемен број трансакции, ги предупредуваме граѓаните да бидат исклучително внимателни во делот на компјутерските измами и злоупотребата на личните податоци. Апелираме до граѓаните да внимаваат каде и со кого ги споделуваат или ги изложуваат на увид личните и патните исправи. Исто така, при плаќањата со платежни картички, доколку е потребно да биде внесен пин, задолжително да го внесуваат лично и да не дозволуваат некој друг да го внесува нивниот пин кој треба да се чува во тајност. При плаќањата и купувањето преку интернет, задолжително да се проверува кредибилитетот на продавачот, имајќи ги предвид позитивните и негативните коментари кои ги има на самиот профил, страна, група и слично, појаснуваат од СВР-Битола.