Пишува: Ирена МУЛАЧКА
Згасна уште еден млад живот. Почина дете во битолската болница. Шестгодишната Јана е само уште една жртва на трулиот здравствен систем.
Нејзините родители се во тотален шок, се уште несвесни што се случува. Па, дали е некој свесен дека тие го загубија најмилото, прекрасно мало девојче, кое имаше живот пред него. Живот прерано згаснат.
Кој ќе ги утеши што повеќе нема да си го видат своето дете, кое до пред некој ден се радувало на животот и на детските игри. И за момент се завршува. Само неколку часа беа пресудни да се појави правата линија на мониторот, што означи крај на животот на едно шестгодишно дете.
Родителите во болка ја прераскажуваат голготата на малата Јана, која ја преживеала во битолската болница. Дали и овој случај ќе заврши во архивите на кабинетите, како и сите други досега?
Се уште се испитуваат причините за нејзината прерана смрт. Како и по традиција, се формираат комисии за стручен надзор, Државниот здравствен и санитарен инспекторат екпресно потврди дека лекарите не се виновни. Па, кога и биле тие виновни?
Жртви беа уште многу други деца, млади, возрасни. Едни додека чекаа лекови, други додека чекаа операција во странство, трети препраќани од клиника на клиника, па ќе си умрат во кругот на клиниките, погрешни дијагнози… Нели, нормално нема кој да ги згрижи и да им ја пружи неопходната здравствена помош. За тоа постои и член во Кривичниот закон „дека ако на пациентите не им биде пружена неопходната здравствена помош, може да завршат и во затвор“.
Ама, тоа стои само во закон. Ако во нашата жална Македонија се применуваше тој закон, многу лекари ќе лежеа во затвори. И да не се сфатиме погрешно. Ова не се однесува на сите лекари и на медицинскиот персонал, но ако земеме во целост кој се партиски кадар влезе по болниците во државата, тек тешко ни се пишува!
Јас не знам дали некој ја сфаќа сериозно алармантната состојба во здравството, кое се распаѓа по сите шевови. Немаме лекари ни за лек, немаме основни материјали за работа, болници затрупани во огромни долгови, секој петти ден се случува некој скандал, во кој има жртва на лошо поставениот здравствен систем.
Ама, па затоа министри се менуваат како чорапи. Битен е политичкиот пазар и експресно имаш нов министер за здравство. Таман тој ќе поднаучи нешто, ајде повторно нови политички превирања, нови договори и пазарења и оп нов министер. Тоа и стана најбитно, само да се седне на фотелја, па што е битно дека луѓето умираат како експериментални глувци.
До кога вака? До кога ќе живееме во општество во кое народот ќе биде колатерална штета. Па, дали сте свесни дека не можеме да ги наброиме имињата на сите кои починаа по болниците, како жртви на лекарски грешки. И, за жал тоа нема да престане, а од нас држава никогаш нема да биде.
Додека јавното здравство се распаѓа, приватното цвета. Цени до плафон, па кој преживее ќе раскажува.
Немам, што друго да додадам освен: „Прости ни Јана, што живееме во такво труло општество“.