Згасна „СВ-Инвест“, воскресна „Новоматрикс“: Како фирма блиска на Чифлигароски „испреговара“ договор за РЕК Битола тежок над 2 милиони евра?

По пропаста на „СВ-Инвест“ на битолскиот бизнисмен Стојан Чифлигароски, негов соработник ја активираше „Новоматрикс“, која склучи два договори за технолошко чистење во РЕК Битола вредни над 3 милиони евра, при што првиот пораснал поради 2 анекси, а вториот го доби во постапка со директни преговори, откако пропаднале неколку обиди да се спроведе отворена тендерска постапка.

by Фокус

Откако пропадна „СВ-Инвест“ на Стојан Чифлигароски, деклариран пријател на Вице Заев, воскресна „Новоматрикс“, која денес е во формална сопственост на поранешниот управител на „СВ-Инвест“ Александар Наумов, а порано била во сопственост и на „Архи“ или денешна „Панорама резиденс“, во чија сопственичка структура се промениле многу субјекти, така што денес е во целосна сопственост на „Орка“ на Орце Камчев, пишува најновиот број на неделникот „Фокус“.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

По политичките промени, главно исти компании продолжија да ги добиваат милионските тендери од АД ЕСМ за работа во рудниците на РЕК Битола. Но, на оваа сцена влезе и еден нов играч – „СВ-Инвест“ на Стојан Чифлигароски, која за период од само 3 години доби тендери вредни 6 милиони евра. Меѓутоа, во 2021 година компанијата изненадувачки падна во стечај, кој резултираше со ликвидација на друштвото.

Сепак, истовремено никна фирмата „Новоматрикс“, која е во формална сопственост на поранешниот управител на „СВ-Инвест“ – Александар Наумов. Како што веќе објавивме, оваа компанија сменила неколку сопственици, а во еден период во 2016-2017 година била во сопственост на друштвото „Архи“ или денешна „Панорама резиденс“. И оваа компанија сменила многу содружници, а денес е во целосна сопственост на „Орка“ на Орце Камчев.

Како над 3 милиони евра од ЕСМ „легнаа“ во фирма блиска до пријател на Заеви, која порано била во сопственост и на Камчеви?

Инаку, „Новоматрикс“ веднаш почна да ги добива работите во РЕК Битола што претходно ги вршеше „СВ-Инвест“. Така, „Новоматрикс“ склучил договор со ЕСМ за технолошко чистење во РЕК Битола во 2021 година во вредност од над еден милион евра. Непосредно откако „СВ-Инвест“ паѓа во стечај во март, во јуни истата година „Новоматрикс“ ја добива работата во РЕК Битола што ја вршеше токму фирмата на Чифлигароски.

Како течеле работите? На 18.9.2020 година, „СВ-Инвест“ склучува договор со ЕСМ за технолошко чистење во РЕК Битола во вредност од речиси 960 илјади евра. Веќе следната година, оваа компанија оди во стечај, па ЕСМ за истата работа на 8.6.2021 година склучува договор со „Новоматрикс“. Првично бил склучен договор на 960 илјади евра, исто како и претходната година со „СВ-Инвест“, но на крајот тој надминал 1,1 милиони евра поради два анекси.

Иако „Новоматрикс“ бил единствен понудувач во тендерската постапка во 2021 година, се спровела отворена постапка, на која можеле да се јават и други компании. Но, ланската 2022 година ЕСМ повторно склучил договор со „Новоматрикс“ за технолошко чистење, ама овојпат во постапка со преговори. За разлика од претходно, овој договор не се однесувал за период од една, туку за една и пол година, и воедно изнесувал над 2,2 милиони евра.

Прво, ЕСМ објавил оглас за технолошко чистење во РЕК Битола на 27.4.2022 година, но постапката била поништена, бидејќи тендерската документација содржела „битни пропусти или недостатоци од техничка природа, кои би влијаеле врз исходот на постапката во делот на доставувањето на техничката документација од страна на економските оператори и значително би го намалиле квалитетот во извршувањето на предметната набавка“.

Набргу потоа, т.е. на 20.5.2022 година, ЕСМ објавил оглас за нова тендерска постапка, но и таа пропаднала со образложение дека „не е поднесена ниту една понуда или ниту една прифатлива понуда“. Впрочем, ваков епилог следува откако една од компаниите што учествувале во постапката поднела жалба до Комисијата за жалби по јавни набавки, која била делумно усвоена.

Од решението што го донела второстепената Комисија произлегува дека се работи за битолската компанија „Ремонт Механика“, која ја обжалила одлуката на ЕСМ да го избере токму „Новоматрикс“ како најповолен понудувач, откако понудата на групацијата предводена од „Ремонт Механика“ (плус „БВ Инженеринг“) ја отфрлила уште во фазата на евалуација. Како „паднала“ нивната понуда?

Како што се наведува во решението, Комисијата за јавни набавки во рамки на ЕСМ утврдила дека „Ремонт Механика“ не ги исполнува условите што налагаат да има извршено минимум една услуга од ист вид како предметот на набавката во последните 3 години во вкупен износ од минимум 780 илјади евра, иако жалителот тврдел дека имал реализирано вакви договори во износ од над милион евра.

Незадоволната компанија забележала уште еден интересен факт. Имено, ЕСМ ја намалил висината на банкарската гаранција од 15 на 5 проценти на барање на „Новоматрикс“, кој по елиминацијата на „Ремонт-Механика“ останал единствен понудувач. Меѓутоа, договорниот орган не ја објавил измена на огласот поради ваквата промена.

„Новоматрикс“, кој бил избран за најповолен понудувач, имал вршено една единствена услуга на чистење во изминатите 3 години кај РЕК Битола во износ од 70 милиони денари, што е особено индикативно во поглед на поставувањето на условот, кој упатува на експлицитен заклучок дека тендерската документација е изготвена и дизајнирана за да биде компатибилна со економскиот профил на овој економски оператор, на кој начин отворено се фаворизира“, навел жалителот.

Наспроти тоа, договорниот орган возвратил дека жалбата е неоснована и навел сопствени аргументи во поткрепа на тоа, додека Комисијата ја оправдала одлуката на ЕСМ да не ја земе во предвид понудата на „Ремонт Механика“, појаснувајќи дека договорниот орган барал еден реализиран договор од 48 милиони договори, а не збирно. Дополнително, Комисијата го отфрлила и наводот дека огласот не бил соодветно апдејтуван.

Меѓутоа, второстепениот орган истовремено оценил дека „критериумите за способност не се утврдени во согласност со Законот за јавни набавки, дека тендерската документација не е во согласност со овој закон и довела или можела да доведе до дискриминација на економските оператори или ограничување на пазарната конкуренција“. На тој начин, Комисијата за жалби ја поништи постапката и наложила дека при евентуално повторно објавување на тендерот, договорниот орган треба „да изготви тендерска документација со која ќе овозможи конкуренцијата и недискриминација на економските оператори на пазарот на трудот“.

Но, по двата неуспешни обиди, ЕСМ не се обиде да спроведе отворена постапка по третпат според насоките на Комисијата, туку одлучи да испреговара договор. Односно, државната компанија на 31.8.2022 година, во постапка со преговори без објавување на оглас, повторно склучува договор со „Новоматрикс“, со која всушност склучила договор и во рамки на втората неуспешна постапка, поништена по жалба на друга компанија и одлука на второстепената комисија.

Сепак, се поставуваат неколку прашања, кои ги упативме и до ЕСМ, но не добивме одговори. Во постапката со преговори во 2022 година, кои компании биле повикани на преговори покрај „Новоматрикс“? Какви понуди доставиле тие? Дали одбраната понуда била пониска или повисока од понудата што истата компанија ја доставила во редовната постапка што претходно истата 2022 година била поништена?

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости