Попладневниот земјотрес со епицентар во близина на Гостивар за кој меѓународните опсерватории соопштија дека бил со јачина од 4,9 степени оштетил куќи во Галичник. Месната заедница Галичник на својата Фејсбук страница објави слики од оштетени куќи.
-Ве информираме дека од земјотресот во 15.25 часот има настанато штета во одделни куќи во Галичник. Би било пожелно сопствениците на куќите да ја проверат состојбата на истите и доколку има настанато штета, штетата да се пријави на надлежните институции, соопштија од Месната заедница Галичник.
Македонската сеизмолошка опсерваторија соопшти дека во 15.25 часот регистриран е уште еден земјотрес, од епицентралното подрачје Гостивар-Тетово со епицентар на 50km југозападно од Скопје. Според нивните податоци тој бил со јачина од пет степени според Рихтер.
Земјотресот беше со локална Рихтерова магнитуда ML5.0. Според досегашните податоци земјотресот најсилно беше почувствуван од населението во Гостивар и Маврово со интензитет од V-VI степени според Европската макросеизмичка скала, Дебар и Кичево со интензитет V, во Тетово и Скопје со IV степени, а во Струга, Охрид, Битола, Прилеп и околината со III-IV степени според истата скала, соопштуваат од Опсерваторијата.
Попладневниот земјотрес бил со јачина како тој што ја стресе западна Македонија утрово.