Земјоделците измамени: Им продавале фалц ѓубрива!

by Fokus

Наместо квалитетни ѓубрива, биостимулатори и подобрувачи на својствата на почвата, земјоделците во земјава купувале фалц ѓубрива кои не ги содржеле хранливите материи за земјоделските култури.

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство информираат дека издале дури 97 решенија за забрана за пуштање во промет на ѓубрива кај кои имало отстапки од наведените количини на азот, калиум и фосфор.

-Обезбедуваме безбедни и квалитетни земјоделски производи. Ги интензивиравме инспекциските контроли на ѓубривата кои се продаваат во земјава. Во рамки на овие контроли, деновиве издадовме 97 решенија за забрана за пуштање во промет на ѓубрива, биостимулатори и подобрувачи на својства на почвата, заради отстапување од декларираните количини на хранливи материи за растенијата, најчество на азот, калиум и фосфор. Со оваа активност ги остваруваме заложбите за контрола и достапност на квалитетни репороматеријали за земјоделците и обезбедување на безбедни земјоделски производи за крајните потрошувачи – информираше министерот Љупчо Николловски вчера.

Земјоделците се револтирани поради ова откритие. Лозари од Тиквешијата велат дека неколку години наназад се сомневале во квалитетот на ѓубривата, но исто и на препаратите за заштита на културите, бидејќи и покрај тоа што давале големи суми за нив, немало видливи резултати и подобрување на родот. Прашуваат дали некој ќе превземе одговорност и дали некој кривично ќе одговара за оваа измама, која ги удрила директно по џеб. Покрај парите кои ги потрошиле за ѓубривата, тие останале и без очекуваната количина и квалитет на родот. Исто така, прашуваат дали и на кој начин ќе бидат обесштетени.

,,Фокус’’ побара одговор од Николовски на прашањата, но тој утринава не беше достапен за коментар. Дознаваме дека за ѓубривата кои се повелечени биле донесени решенија во 2016 година. Се правеле контроли и за решенијата издадени во 2015 и 2017 година.

Вики Клинчарова

Поврзани новости