АРХИВА: Земјоделци, редари и учителки дале по 1.000 евра за ВМРО-ДПМНЕ

1 ДЕЛ

by Фокус

Текстот е објавен во дневниот весник Фокус во викенд изданието од 10-11 декември 2011 година.

Во рамки на судскиот предмет „Плацеви на Водно“, во кој поранешниот премиер Никола Груевски е обвинет дека со пари од партиски донатори стекнал плац на Водно, стана збор и за финансирањето на партијата. Во таа насока, некогашните партиски функционери – Горадна ЈанкулоскаМартин Протуѓер и Влатко Чингоски сведочеа како партијата се финансирала и како се располагало со парите, а дури беше кажано дека некои донатори пари му давале лично на Груевски. За време на десетгодишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, Фокус редовно ја третираше темата за сомнително финансирање на партијата и нејзините изборни кампањи, а во еден од овие серијали се истражува сомнежот за фиктивни донации.

Пишувале:
Сашка ЦВЕТКОВСКА
Мери ЈОРДАНОВСКА

Верувале или не! Земјоделци, секретарки и учителки, пензионери и редари, донирале пари за кампањата на ВМРО-ДПМНЕ за јунските избори. Секој по 1.000 евра! Цела една бригада од 530 луѓе така собрале 510.000 евра за да ѝ овозможат победа на својата партија. Меѓу нив има и моќници, директори и газди, но и многу обични луѓе, со потпросечна плата. Списокот на оваа партија е единствениот што содржи толкав број физички лица како донатори.

„Фокус“ тргна по трагата на тој список, за да ги провери сомневањата дека можеби станува збор за фиктивни донации, за начин како кешот собран на разни начини легално да се уфрли во партиската каса. Како што е познато, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ пријави дека во кампањата потрошила 4,4 милиони евра, а само за 1,1 милион се оправда пред институциите, меѓу кои се и овие пари, собрани од физички лица, додека останатите беа донации од телевизиите.

Иако експертите ја спореа големата дупка во финансиите од 3,3 милиони евра, Антикорупциската комисија реши да не ја истражува огромната разлика во приходите и расходите на владејачката коалиција. Во исто време, Љубе Бошкоски е осуден со седум години затвор за наводно нелегално финансирање на кампањата со 100.000 евра, додека против СДСМ е поднесена кривична пријава, оти им се спори кредитот што го зеле од Комерцијална банка.

ДОНАТОРИТЕ СТРАДААТ ОД АМНЕЗИЈА

Кои се тие 530 луѓе, донатори на ВМРО-ДПМНЕ? Што работат? Од каде им се по 1.000 евра за да ја финансираат кампањата? „Фокус“ го истражи списокот на физичките лица во финансискиот извештај кој партијата го достави до Државната изборна комисија (ДИК) и до Антикорупциската комисија. И дојдовме до фрапантни сознанија, кои упатуваат на сомневање дека станува збор за корупциски мегаскандал.

Ако се суди според извештајот, во периодот од 17 мај до 3 јуни годинава, 530 луѓе чекале во редици во банките за да уплатат секој по точно 60.000 денари на сметката на партијата. За чудо, сега, половина година подоцна, голем дел од нив не можат да се сетат колку пари донирале.

Анализата на списокот и нашите контакти со дел од донаторите покажуваат дека најдарежливи на овие избори биле општинските советници, вработените во општините и во подружниците на државните претпријатија, но и учителки во градинки и училишта, субвенционирани земјоделци, административци, па дури и пензионери, кои на сметка на државата биле пратени на бања.

Во некои случаи донираат цели семејства, од брачни другари, до деца, баби и дедовци. Во општината Ново Село, дури и чуварот и неговата сопруга дале по 1.000 евра за кампањата.

Повеќето од луѓето што ги контактиравме потврдија дека донирале пари, но имаше и такви кои воопшто не се сеќаваат дека дале пари. Една советничка од општина Кочани, која сакаше да остане анонимна, тврди дека пари не дала. Таа ни кажа дека кампањата ја помагала собирајќи пари од фирми за партијата, но вели дека не се сеќава точно од кои фирми, ниту, пак, на начинот на кој ги дала или ги уплатила парите.

– Јас мои пари не сум дала, затоа што сум немала. Но, помагав поинаку. Собиравме пари од фирми за нив. Не можам да ви кажам кои фирми, не се сеќавам како се викаат. Една е на еден од претседателите на месниот комитет. А ако ме прашувате како им ги носев парите, не знам, не можам да сетам – вели советничката.

НОВИНАРИТЕ НЕ ТРЕБА ДА ПРАШУВААТ

Интересна е и изјавата на Суза Николовска, советник во општина Гази Баба.

– Одамна беше, не се сеќавам точно колку пари дадов. Треба да проверам каде сум запишала. Не знам дали ја чувам уплатницата, навистина треба да се потсетам – вели таа.

Томислав Ракичевиќ, вработен во Царинската управа пред две години, исто како и Стојанова, не ги помни парите што ги дал за партијата.

– Не знам, не можам да се сетам точно колку пари беа, навистина – нѐ уверуваше тој.

На некои, пак, им беше непријатно да разговараат на оваа тема со новинарите, па нервозно ги спуштаа телефоните, а имаше и такви кои сметаат дека ова не е работа за медиумите, како советникот од општина Гази Баба, Ацо Петрушев.

– Новинарите не се тие што треба да прашуваат за овие работи. Новинарите само подгреваат вакви работи. Вас ова не треба да ве интересира – ни рече Петрушев.

Интересен е податокот дека донаторите од различни општини и региони успеале да се организираат и во ист ден да ги уплаќаат парите. Случајно или не, вработените и советниците во општина Гази Баба уплаќале пари на 30 мај, шест дена пред крајот на кампањата.

Оние од Кисела Вода, пак, тоа го сториле меѓу првите, на 17 мај, а штипјани се организирале на 3 мај, три дена пред гласањето. Дали на ваков начин партијата се обидувала да ја покрие разликата меѓу расходите и приходите?

ЗА ВМРО СЀ Е ЧИСТО, ЗА СДСМ ДОНАЦИИТЕ СЕ ФИКТИВНИ

За разлика од ДУИ, каде што, почнувајќи од лидерот, донатори се најголемиот дел од високите функционери, кај ВМРО ги нема премиерот и министрите, туку само директорите од вториот и од третиот ешалон. Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека финансирањето на кампањата е чисто – оние што имале потреба да помогнат, помогнале.

– Секој што сака да дојде до документот може да дојде до него. Еве и вие сте го виделе, без да го барате од нас. Работиме транспарентно и во согласност со законите. Сите податоци за донаторите на кампањата ги доставуваме до ДИК, која впрочем е раководена од кадар на СДСМ.

Исто така, податоци има и во УЈП, во Антикорупциската комисија и во сите надлежни институции. Чисти сме пред законите. Лична одлука е на секој што сака да даде пари, па затоа не би знаел да одговорам зошто недостасуваат фирмите и повисоките функционери – вели Илија Димовски од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.

Црните пари се покриваат преку фиктивни донации, велат во СДСМ.

– ВМРО-ДПМНЕ во континуитет ги злоупотребуваше буџетски средства преку отворање разни инвестиции, преку вработувања и друг тип притисоци. Уште пострашно е што партијата нема покритие за 3,3 милиони евра потрошени во кампањата – велат од најголемата опозициска партија.

КОЈ ВО 2006 ГОДИНА ДАДЕ ПАРИ ЗА МАЛЧЕСКИ

Сомнежите за фиктивни донации, за кои некои лица и јавно проговорија, се случија и за парламентарните избори во 2006 година. Во извештајот пишуваше дека тогашниот претседател на Сојузот на студентите, Самоил Малчески, заедно со неговата мајка и сестра, вложиле вкупно речиси 10.000 евра во кампањата на ВМРО-ДПМНЕ.

Тогашниот студент по математички науки за кампањата донирал 200.000 денари, неговата мајка Цветанка 50.000 денари, а неговата сестра Фросина – 300.000 денари. Кога медиумите тогаш го прашаа Малчески за донациите, тој беше вџашен кога откри дека на списокот фигурираат имињата на членови на неговото семејство.

– Да имам 200.000 денари, ќе се женам. Неверојатно е што пишува дека сестра ми вложила толкава сума пари, затоа што ги нема. Ова првпат го гледам! – изјави Малчески.

Ако тој тврди дека не ги вложил парите, се поставува прашањето – кој е тогаш вистинскиот донатор на тие 550.000 денари од семејството Малчески?

ПРОДОЛЖУВА…

Поврзани новости