Дополнителниот заменик-министер за земјоделство Цветан Трипуновски денеска ја посети Платежната агенција за финансиска поддршка на земјоделството, откако земјоделец од Арачиново му се пожалил дека не му биле исплатените субвенциите.
– Се работи за предмет што од 2018 година тапка во место, а загрижениот земјоделец е Зејнула Сулејмани, кој две години го чека одговорот за своите редовно заслужени субвенции. Јас во разговор со него одлучив директно да дојдам во Платежната агенција и да се информирам лично од прва рака за целата ситуација, односно зошто на овој човек не му се исплаќаат субвенциите – рече Трипуновски.
Притоа, тој го лоцираше проблемот во менаџерскиот тим на Агенцијата, истакнувајќи дека сепак во неа работат многу вредни и чесни луѓе.
– Ова е само еден доказ дека она што го зборуваме изминатите години дека имаме некомпетентни луѓе на работни позиции во институциите доаѓа на дело. Ова е еден доказ дека институциите работат споро по налог на овие менаџери. Овој човек си ги чека редовно заслужените субвенции, чека одговор, дури и да му се каже дека не му следуваат со објаснети причини, па понатаму нека ги бара во судските инстанции да види дали навистина е во право или можеби институцијата е крива – напомена Трипуновски.