Посиромашните земји минатиот месец одбија повеќе од 100 милиони дози вакцина против Ковид-19 понудени преку глобалната иницијатива Ковакс поради нивниот краток рок на траење, изјави денеска претставник на УНИЦЕФ.
Оваа бројка ги покажува проблемите во вакцинирањето во светот и покрај зголемената понуда на вакцини. Ковакс се приближува до бројката од една милијарда поделени дози во повеќе од 150 држави.
– Повеќе од 100 милиони дози беа одбиени само во декември. Главна причина за тоа е понудата на вакцини со краток рок на траење, изјави Етлева Кадили од УНИЦЕФ пред европратениците.
Посиромашните држави, исто така, мораа да ги одложат набавките поради недоволен простор за складирање, истакна Кадили, што вклучува недостиг на ладилници за вакцини.
Податоците на УНИЦЕФ покажуваат дека 681 милион дози во моментов се неискористени во околу 90 посиромашни земји.
Хуманитарната организација CARE објави дека повеќе од 30 земји, вклучително и поголемите како Демократска Република Конго и Нигерија, искористиле помалку од половина од добиените дози. Нигерија отстрани милион дози кон крајот на минатата година.
Ковакс, иницијатива во која учествува и Светската здравствена организација (СЗО), досега има испорачано 989 милиони дози вакцина во 144 земји.