Советот за општи работи на ЕУ позитивно ќе одлучи за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија.
Како што објави Радио Слободна Европа, во нацрт-заклучокот се наведува дека министрите од земјите членки на ЕУ ќе одлучaт да се отворат пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија.
„Советот ја повикува Европската комисија, без одложување и најдоцна до јуни, да поднесе предлог за преговори, а првата меѓувладина конференција би требало да биде свикана без одложување, веднаш по усвојување на предлогот“, стои во нацрт-заклучокот што го објави РСЕ.
Овие заклучоци, кои треба да ги усвои Советот на министри на ЕУ следниот вторник, треба да бидат поддржани од шефовите на државите и владите на земјите членки на ЕУ на Самитот кој е закажан за 27/28 март.
Позитивната одлука за Северна Македонија и Албанија е резултат на новата методологија со која излезе Европската комисија во февруари, како и на позитивниот извештај што го објави Комисијата.