Земјите членки на БРИКС ќе разговараат за воведување заедничка валута

by Fokus

Членовите на БРИКС за првпат ќе разговараат за изводливоста на воведување заедничка валута, најави министерот за надворешни работи на Јужна Африка, Наледи Пандор.

Таа додаде дека нема да брза со одлуката.

Зголемените каматни стапки во САД и геополитичките конфликти ја зголемија вредноста на американската валута и сите стоки поврзани со доларот на штета на повеќето пазари во развој. Тоа ги поттикна повиците за алтернатива на употребата на доларот како глобална трговска валута, при што една опција е блокот БРИКС, составен од Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка, да воведе своја валута.

Како што најавува „Блумберг“, за ова прашање ќе се разговара на самитот на БРИКС на што ќе се оддржи во август во Јоханесбург.

„Не сакам да прејудицирам за дискусиите на лидерите на БРИКС“, изјави јужноафриканскиот министер за меѓународни односи и соработка Наледи Пандор.

„Тоа е нешто за што треба да разговараме, и тоа на вистински начин“, додаде таа.

БРИКС претставува повеќе од 40 отсто од светското население и речиси една третина од глобалното економско производство, што го прави еден од најважните светски економски блокови. Неколку други земји, вклучително и Саудиска Арабија и Иран, изразија интерес да се приклучат на групата.

„ Јужна Африка има валута што се користи за меѓународна трговија. Сепак, имаме многу долгови во долари, затоа мораме одговорно да пристапиме кон оваа дискусија“, вели Пандор.

Поранешниот специјален советник во Советот на економски советници на Белата куќа за време на администрацијата на Доналд Трамп, Џозеф Саливан, смета дека воведувањето алтернатива на доларот е изводливо и можно.

 

 

Поврзани новости