Во Европскиот парламент во Стразбур ппродолжува со работа 20-от Состанок на Мешовитиот парламентарен комитет – Република Северна Македонија и ЕУ (Парламентарен комитет за стабилизација и асоцијација), кој првпат се одржува откако Северна Македонија ги отпочна преговорите за членство во ЕУ. Претставниците на европските институции, европратениците и македонските пратеници инсистираа на фактот дека почна нова фаза во односите меѓу ЕУ и Република Северна Македонија, а земјата мора да остане посветена на реформите и потребен е консензус за евроатлантските процеси, јави дописникот на МИА од Стразбур.
Македонските пратеници и европратениците на втората сесија на 20-тиот Мешовит парламентарен комитет – ЕУ и Северна Македонија ќе дебатираат за животната средина и енергетиката, добрососедски односи и регионална соработка, извештај за Дијалогот Жан Моне, за на крајот да бидат усвоени препораките. Вчера тие разменија мислења за владеењето на правото, борбата против организиран криминал и корупција и за Граѓанско општество и медиумите.
Европратеникот Андреас Шидер во своето воведно обраќање нагласи дека кредибилитетот на ЕУ е потврден со почетокот на преговорите со Северна Македонија и Албанија и дека заслужено се материјализираше заложбата и посветеноста на евроитеграцијата на земјата, но сега дека е најважен партискиот дијалог и меѓупартискиот консензус, кој може да се унапреди во рамки на активностите од Дијалогот Жан Моне.
Микела Матуела, вршителот на должноста директор за Западен Балкан во Генералниот Директорат за соседство и преговори за проширување на Унијата пред пратениците од двата парламенти рече дека „со почетокот на преговорите односите меѓу Северна Македонија и ЕУ влегуваат во една нова фаза, а процесот на скринингот не е само технички, туку процес на трансформација“.
Постојаниот известувач за Северна Македонија во Европскиот парламент Илхан Ќучук посочи дека „процесот на преговори е во сигурни раце и дека Северна Македонија ги заслужува сите пофалби за посветеноста на евроинтеграциите, регионалната соработка и добрососедските односи“.
Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во своето обраќање нагласи дека „Парламентот ќе биде клучен партнер во пристапувањето во Европската Унија, од кого ќе зависи динамиката на текот на преговорите, особено од улогата и активноста на неговите тела – Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции“.
-Седумнаесет години Северна Македонија го чекаше почетокот на преговорите со Унијата, сега мора да се има национален консензус и ќе дефинираме механизми за сите пратеници да се вклучат во процесот. Овој историски момент за исполнување на стратешката цел – Северна Македонија да биде членка на ЕУ и треба да го искористиме, рече Маричиќ пред членовите на Мешовитиот парламентарен комитет помеѓу Северна Македонија и ЕУ, нагласи вицепремиерот Маричиќ.
Маричиќ во своето обраќање ја претстави новата усвоена преговарачка структура, која е дефинирана да одговори на новата методологија и истовремено да овозможи транспарентност и инклузивност на процесот, за кој, рече дека е потребно вклучување и соработка со различни чинители како што се граѓанското општество, академската и бизнис заедницата и сите други засегнати страни.
Вицепремиерот Маричиќ ја потврди посветеноста на Владата во обезбедувањето непречен процес на преговори со Унијата паралелно со одржувањето на добрососедските односи и реализацијата на преземените обврски. Ги претстави и активностите кои Владата ги реализира во одредени поглавја и постигнатиот напредок, како и планираните активности во претстојниот период во продолжение на објаснувачките состаноци.