Нападот на Русија врз Украина може да предизвика глад во други земји во светот, предупреди денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски, во обраќањето пред италијанскиот Парламент, повикувајќи на поголема помош во борбата против агресорите.
Обраќајќи им се на италијанските пратеници преку видео врска, Зеленски рече дека неговиот народ се бори за опстанок додека руската армија ги уништува украинските градови и убива цивили.
– За руските војници Украина е вратата кон Европа која сакаат да ја пробијат, но не смее да се дозволи варварите да го направат тоа, рече тој, додавајќи дека ефектите од војната веќе се чувствуваат во многу делови од светот.
– Најлошото е што на некои земји им се приближува гладот. Украина отсекогаш била еден од најголемите извозници на храна, но како можеме да посееме род под руски артилериски напади?, праша украинскиот претседател.
Земјите како Либан, Египет, Јемен и други во последните години зависат од украинската пченица, а војната предизвика голем пораст на цените на пченицата, за дури 50 проценти во последниот месец.
Италијанскиот премиер Марио Драги изјави дека Украина пружила „херојски“ отпор на руската инвазија и вети дека ќе продолжи да им помага на бегалците и да испраќа воена помош.