Украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето редовно видео обраќање изјави дека војната со Русија мора да заврши под украински услови и верува дека е можно да се спроведе украинската формула за мир.
Според него, Украина мора да добие дозвола од своите партнери да распореди оружје со долг дострел за да гаѓа цели во Русија.
„Украина треба да биде во ситуација да напаѓа каде и да се наоѓа окупаторот, од каде Русија и да ја напаѓа Украина, од каде и да лансира проектили, беспилотни летала `шахед` и бомби. Мораме да ги заштитиме животите на нашиот народ и да ја завршиме војната под украински услови“ рече Зеленски.
Украинскиот претседател им се заблагодари на партнерите на Украина што продолжуваат да вршат притисок врз Русија и земјите кои и помагаат во нејзините воени напори со санкции.
„Клучните принципи на нашата мировна формула можат апсолутно да се применат, бидејќи глобалното мнозинство врши притисок врз Русија, не ја поддржува нејзината воена активност и навистина сака да ја врати стабилноста во меѓународните односи“ вели тој.
Вооружените сили на Украина изминатото деноноќие соборија пет беспилотни летала по нападот со беспилотни летала и проектили од страна на Русија во неколку украински региони.