Украинскиот претседател Володимир Зеленски на прес-конференција во Минхен изјави дека досегашните разговори со американскиот претседател Доналд Трамп „дефинитивно не се доволни за формирање мировен план“.
Сепак, тој нагласи дека сигналите од САД се „силни, но различни“ и додаде дека се потребни дополнителни разговори со американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс, со кого треба да се сретне денеска.
По пристигнувањето на Минхенската безбедносна конференција, Зеленски веднаш одговори на прашањата за иднината на Украина. Тој повтори дека Украина сака да биде членка на НАТО и дека никогаш нема да ги признае окупираните територии како дел од Русија.
„Никогаш нема да ги признаеме окупираните територии како руски“, рече Зеленски на прес-конференција.
„Да, сакаме да бидеме во НАТО. Ние веруваме во безбедносните гаранции на НАТО. Мислам дека тоа е најевтината опција за секого“, додаде тој, нагласувајќи дека Европа мора да застане покрај Украина за сопствената безбедност.
Зборувајќи за нападот на Чернобил, Зеленски повтори дека руско беспилотно летало извршило „многу опасен“ напад врз нуклеарната централа, што Кремљ го негира.
„Путин дефинитивно не сака мир“, рече Зеленски, додавајќи дека разузнавачките податоци покажуваат дека Русија се подготвува за војна против НАТО следната година.
Во врска со претстојните разговори со американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс, Зеленски рече: „Постојат одлуки кои можат да се донесат само на претседателско ниво“.