Претседателот на Украина, Володимир Зеленски денеска изјави дека „во интерес на Русија е да разгори војна на Блискиот Исток за да го ослабне глобалното единство“.
– Врз основа на достапни информации – многу веродостојни информации – во интерес на Русија е да разгори војна на Блискиот Исток за да создаде нов извор на болка и страдање што ќе го ослабне глобалното единство, ќе посее поделба и ќе и помогне на Москва да ја поткопа слободата во Европа – рече Зеленски.
Тој истакна дека руските пропагандисти се „веселат“ поради настаните и дека Иран, кој го опиша како сојузник на Москва, отворено ги поддржува оние кои го нападнаа Израел.
– Сето ова претставува многу поголема закана отколку што светот во моментов може да замисли. И знаеме како да се справиме со оваа закана. Ги подготвуваме неопходните мерки. Најважно е дека се залагаме за максимално глобално единство – додаде украинскиот претседател.