Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска рече дека верува оти Русија можеби плаќа за дроновите што ги добива од Иран со обезбедување помош за нелегалната нуклеарна програма на Иран.
Обраќајќи се на конференцијата организирана од израелскиот весник Хаарец преку видео врска, Зеленски го повтори своето барање за израелска антиракетна технологија „Железна купола“, пренесува ДПА.
– Сè уште немаме модерен и ефикасен систем за противвоздушна одбрана и ракетна одбрана што би можел да го обезбеди нашето небо, рече Зеленски и додаде дека по исцрпувањето на сопствените резерви на ракети, Русија тргна во потрага по оружје од други земји.
– Ги најде во Иран. Имам прашање до вас: како Русија му плаќа на Иран за ова според ваше мислење? Дали Иран го интересираат само пари? Веројатно воопшто не пари, туку руска помош за иранската нуклеарна програма, рече тој.
Москва и Техеран негираа каков било договор за оружје, но има докази дека стотиците дронови со кои Русија ја напаѓа Украина се или од иранско потекло или од ирански дизајн.
Зеленски додаде дека Иранците исто така ги обучувале Русите за користење на дроновите.
Тој рече дека до овој сојуз немаше да дојде, доколку Израел во 2014 година одлучеше да и обезбеди оружје на Украина откако руските сили таа година го зазедоа полуостровот Крим и започнаа напад врз регионот Донбас во источна Украина.
Од почетокот на руската инвазија, Израел и понуди хуманитарна помош на Украина, но се воздржа од обезбедување на воена опрема поради стравот да не им наштети на односите со Русија, која е дом на многу Евреи и е силно ангажирана во сириската влада на претседателот Башар ал-Асад, потсетува ДПА.