Украинскиот претседател Владимир Зеленски денеска ги повика лидерите на Европската унија да ги отворат преговорите за членство на Украина во тој блок и посочи дека резултатот од нивната одлука не смее да резултира со „задоволна насмевка“ од рускиот претседател Владимир Путин.
– Денеска ве замолувам едно – не го изневерувајте народот и неговата вера во Европа. Денеска е посебен ден и ќе остане во историјата. Било да е добро или лошо за нас, историјата ќе ги фати сите. Секој збор, секој чекор, секоја акција и неактивност. Кој за што се бореше – рече Зеленски за време на неговиот говор на Европскиот самит, на кој учествуваше преку видео врска, пренесува Ројтерс.
Тој нагласи дека е многу важно Европа да не биде неодлучна и додаде дека Украина ги исполнила барањата на ЕУ за реформи за да добие одобрение за преговори за членство.
– Пред 10 години во Украина луѓето застанаа под знамињата на Европската унија. Тоа за нив беше симбол на вистината и така треба да остане. Едно ве молам денеска – не го изневерувајте народот и неговата вера во Европа – рече Зеленски.
Тој нагласи дека рускиот претседател нема постигнато никакви придобивки оваа година, ниту на бојното поле во Украина, ниту во напорите да ги подели и ослабне Европејците.
– Народот на Европа нема да има никаква корист ако Москва добие пропуст за нејзиниот негативен однос кон Украина. Путин тоа секако ќе го искористи против вас лично и против цела Европа. Не му ја давајте оваа прва – и единствена – победа годинава – рече Зеленски.