„Казнените мерки на Украина против огранокот на Православната црква поврзана со Русија се дел од напорите да се постигне „духовна независност“. Ова го изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Тој и другите украински лидери ја обвинија Украинската православна црква – Московската патријаршија, која е под црковна јурисдикција на Руската православна црква, за поткопување на единството на Украина и соработка со Москва.
– Оваа недела беше направен уште еден чекор кон зајакнување на нашата духовна независност, рече Зеленски во синоќешното видео-обраќање, без директно да се осврне на наредбата.
Украинците, рече тој, реагираа позитивно.
– Ќе продолжиме со ова движење. Нема да дозволиме терористичката држава да манипулира со духовниот живот на нашиот народ, да ги уништи украинските свети места – нашите Лаври – или да ги украде вредностите од нив, рече тој.
Православието е примарна религија во Украина, а црквата поврзана со Москва се натпреварува за верници со независната православна црква, основана по распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година, но признаена од црковната хиерархија дури во 2018 година.
Министерството за култура на Украина и даде рок на црквата поврзана со Москва до 29 март да го напушти манастирскиот комплекс Печерск Лавра.