„Победата ќе биде наша“, порача денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски во кратката видео порака објавена на Инстаграм, по повод 100-тиот ден од руската инвазија на неговата земја.
„Претставниците на државата се тука, бранејќи ја Украина веќе 100 дена“, рече тој во пораката од 36 секунди, стоејќи пред зградата на претседателската канцеларија во Киев, до премиерот Денис Шмигал и шефот на пратеничката група на владејачката украинска партија и еден од главните преговарачи со Русија, Давид Арахамија.
Видео пораката е објавена по повод 100-тиот ден од руската инвазија и потсетува на уште една порака што Зеленски ја сними на 25 февруари, ден откако руските сили ја нападнаа Украина, на истото место и со истите соработници, за да влеат доверба кај Украинците.
„Сите сме тука, нашите војници се тука, граѓаните, општеството, сите сме тука во одбрана на нашата независност, нашата држава“, рече тогаш Зеленски.