Украинскиот претседател Володимир Зеленски тврди дека руските сили во последните недели двапати се обиделе да го нападнат неговиот авион со беспилотни летала.
Според неговите изјави, вели дека тоа е дел од руската стратегија за заплашување на него и на другите странски лидери.
-Мојот претседателски авион беше во Молдавија и затоа ја нападнаа Молдавија. Кога се враќавме дома, повторно преку Кишињев, тие го направија истото, изјави Зеленски.
Додаде и дека за време на враќањето претходно овој месец, едно или две беспилотни летала влегле во молдавскиот воздушен простор, што претходно не било пријавено.
Зеленски се осврна и на нападот со руски дрон врз патнички воз во близина на украинско-полската граница, во кој се наоѓале високи странски функционери, меѓу кои и поранешниот директор на ЦИА, Дејвид Петреус.
-Можеби не знаеле дека таму имало некои Американци, или можеби, напротив, знаеле. Не им верувам. Мислам дека знаеле. Токму затоа што во тој воз имало Европејци, Американци, голема делегација, тие го нападнале, истакна украинскиот претседател.
Инаку, авионот со кој Зеленски требало да се врати во Украина од Молдавија полетал со задоцнување.