Новоизбраната шефица на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Искра Хаџи Василева, денеска и официјално ја превзеде функцијата од досегашниот шеф Ислам Абази, со примопредавање на должноста во просториите на ОЈО ГОКК.
Обвинителот Абази ја пречека обвинителката Хаџи Василева со цвеќе, а таа посочи дека просторијата од каде што ќе раководи со обвинителството и е позната, но сега има поинакво чуство за амбиентот поради новата позиција.

Хаџи Василева беше избрана за раководителка на ОЈО ГОКК на изборите одржани на 28 октомври годинава, кога освои 64 гласа од вкупно 171 важечко гласачко ливче. За функцијата конкурираа и јавните обвинители Фатон Азизи, Трајче Пеливанов, Лидија Раичевиќ и Јован Цветановски.
По давањето на свечената изјава пред Советот на јавните обвинители, новоизбраната раководителка порача дека нејзини главни приоритети ќе бидат ефикасен кривичен прогон, целисходна работа на Обвинителството и максимално искористување на расположливите ресурси во борбата против организираниот криминал и корупцијата.
Таа најави заложби за поефикасно користење на постојните капацитети и обезбедување дополнителни ресурси, со цел постигнување подобри резултати во работата на Обвинителството.

Изборот на нов раководител на ОЈО ГОКК беше спроведен поради истекувањето на мандатот на досегашниот раководител Ислам Абази, кој беше избран на функцијата во октомври 2022 година.
Валентина Вурмо