Зеленски: Терористи како Путин и Хамас мора да бидат поразени!

by Fokus

Терористите како рускиот претседател Владимир Путин и палестински Хамас се обидуваат да ги држат во заложништво слободните и демократски нации и затоа мора да бидат поразени, изјави денеска во Брисел украинскиот претседател Володимир Зеленски на состанокот на Контакт групата за одбрана на Украина.

„Терористите како Путин или Хамас се обидуваат да ги држат како заложници слободните и демократски нации. И тие сакаат моќ над оние кои бараат слобода. Терористите нема да се променат. Мора да изгубат. А тоа значи дека треба да победиме. И ние ќе победиме“, рече претседателот на Украина.

Зеленски укажа на руските терористички напади, кои беа изведени минатата зима врз енергетската инфраструктура на Украина.

Според него, „очигледно е дека Русија ќе се обиде да ја повтори оваа тактика оваа зима, но со извлекување одредени заклучоци и зголемување на терористичките напори“.

Тој посочи дека за да се победи тероризмот е потребно трпение и постојана поддршка.

„Чекорите за зајакнување на воздушната одбрана се од витално значење за Украина. Тоа ќе придонесе за победа во борбата против тероризмот“ смета Зеленски кој додаде дека воздушната одбрана „е голем дел од одговорот на прашањето кога ќе заврши оваа војна и дали ќе заврши праведно за Украина“.

„И сега на сите ни треба такво засилување, чекор напред во нашата одбрана, противвоздушна одбрана. За Украина ова ќе биде победа на животот и е од витално значење. За Русија тоа ќе биде неуспех на нејзината клучна стратегија, стратегијата на теророт“, нагласи украинскиот лидер.

 

Поврзани новости