Украина е заинтересирана за заедничко производство на муниција со земјите од Југоисточна Европа, изјави денеска Володимир Зеленски на самитот со лидерите од тој регион, меѓу кои и македонскиот претседател Стево Пендаровски.
„Гледаме проблеми со снабдувањето со муниција. Ова влијае на ситуацијата на бојното поле. Заинтересирани сме за заедничко производство со вас и со сите наши партнери“, рече Зеленски во своето воведно обраќање на самитот Југоисточна Европа-Украина.
Тој додаде дека наскоро ќе ги претстави деталите и предложи посебен „Украинско-балкански форум за одбранбена индустрија“ во Киев или во некој од главните градови на овој регион.
Украинскиот претседател рече дека во моментов се одлучува за „правецот на Европа“ за следните неколку генерации.
„Сакаме Европа да биде простор во кој секоја земја одлучува за својата судбина“, рече Зеленски.