Украинскиот претседател Володимир Зеленски на неколку часа пред почетокот на заседанието на Генералното собрание на Организацијата на Обединетите нации во Њујорк сугерираше дека меѓународното тело треба да одговори зошто уште дозволува Русија, која изврши инвазија на Украина, да биде дел од организацијата, јави „Асошиејтед Прес“.
Зеленски изјавата ја даде посетувајќи ранети украински војници во болница во Њујорк.
„За нас е многу важно нашите зборови, со нашите пораки, да бидат чуени од нашите партнери. И ако во Обединетите нации сè уште – за жал – има место за руските терористи, прашањето чинам не е за мене. Мислам дека прашањето е за сите членки на Обединетите нации“, рече Зеленски.
Тој исто така немаше јасна прогноза што ќе се случува во Советот за безбедност (СБ) на ОН.
Рече дека не знае дали ќе присуствува на целата дискусија или на обраќањето на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
„Не знам како ќе излезе работата, навистина“, одговори Зеленски.