Претседателот на Украина, Володимир Зеленски побарал да го посети Израел во знак на поддршка по нападот на Хамас, но му било кажано дека „не е вистинскиот момент“, јавуваат израелските медиуми.
„Тероризмот е секогаш злосторство, не само против една земја или одредени жртви, туку и против човештвото како целина“, рече Зеленски, наведувајќи дека Израел има несомнено право „да се брани од нападите на палестинските терористи“.
Како што пренесуваат израелските медиуми, Ерусалим „со резерва“ пристапил кон идејата на претседателот на Украина да му се придружи на американскиот државен секретар Ентони Блинкен во неговата посета на Израел.
Израел постојано изразува поддршка за Украина, но одби да ја испрати бараната воена помош, што предизвика дипломатски тензии меѓу Киев и Ерусалим.
Како што оценува „Тајмс оф Израел“, Ерусалим се двоуми да се соочи со Москва пред се поради големото руско воено присуство во Сирија.