Зеленски: Руските сили се однесуваат со луѓето полошо од животните

by fokus

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ја посети Буча, место каде веќе неколку дена пристигнуваат снимки и фотографии од телата на убиените цивили на улиците.

Тој кратко разговараше со новинарите кои го следеа, велејќи дека е „многу тешко да се преговара со Русија по масакрот што го извршија руските сили во Буча“.

„Масакрот во Буча ја покажува природата на руската армија“, рече Зеленски, додавајќи дека „тие се однесуваат со луѓето полошо од животните“.

Тој предупреди дека ситуацијата ќе се влошува „колку повеќе Руската Федерација ги одложува преговорите со Украина“.

Од друга страна, руската страна ги отфрла наводите за таков настан.

Најголем дел од доказите доаѓаат од Буча, каде што беа пронајдени голем број егзекутирани цивили. Украина ја обвини руската војска за „намерен масакр“ по откривањето на најмалку 20 тела во цивилна облека на улиците на Буча.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров го опиша она што се случи во Буча како „наместен чин“ што „се случи неколку дена по повлекувањето“ на руските сили, пренесе руската прорежимска агенција ТАСС.

„Ние категорично ги отфрламе сите наводи“, изјави портпаролот на Путин, Дмитриј Песков за новинарите.

Поврзани новости