Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави во ексклузивно интервју за француската агенција АФП дека очекува и се подготвува за поширока руска офанзива на север и исток, чија цел е да го заземе Харков, регион каде Москва продолжува со напади од големи размери кои започнаа на 10 мај.
„Тие започнаа операција која може да се состои од неколку бранови, а ова е првиот“, рече Зеленски во моментот кога Русија ја започна својата најголема територијална воена операција за освојување од крајот на 2022 година.
Зеленски смета дека Русија сака да го нападне Харков, град кој е оддалечен само неколку десетици километри од фронтот. Москва не успеа да го освои во 2022 година, но рускиот претседател Владимир Путин во петокот рече дека во моментов нема намера да го нападне.
Официјалната цел на руската офанзива, рече Путин, е да се одговори на нападите на украинските воени сили на руска територија во последните месеци и да се создаде тампон зона која треба да ги спречи овие напади. Московските сили се обидуваат да го искористат недостигот на работна сила и оружје со кој Украина се соочува по две години војна. Во интервју за АФП, Зеленски призна дека на Украина и недостасува воен персонал. „Има прилично голем број бригади на кои им недостигаат луѓе“, рече тој.
Соочен со оваа ситуација, Киев донесе контроверзен закон, кој стапи на сила веќе во саботата, а неговата цел е да се забрза воената мобилизација со намалување на возраста за отслужување воен рок од 27 на 25 години. Зеленски во петокот потпиша и закон со кој се дозволува регрутирање затвореници во замена за условно ослободување.
Украинскиот претседател изрази жалење што има само една четвртина од противвоздушните одбранбени системи кои објективно му се потребни на Киев и додаде дека му се потребни и 120 до 130 борбени авиони Ф-16, мислејќи на помошта од Западот.