Зеленски: Русија со помош на олигарси заговарала пуч во Украина

by Fokus

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека добил информации дека на 1 декемви во земјата бил подготвуван државен удар.

-Располагаме не само со разузнавачки информации, туку имаме дури и аудио информации во кои олигарси  од Украина со претставници на Русија разговараат за вмешаноста на Ринат Ахметов во државен удар во Украина, дека ќе бидат привлечени една милијарда долари, рече Зеленски за време на прес-конференција.

Шефот на државата, истовремено, додаде дека не верува во ова, како и во учеството на бизнисменот во заговорот.

На 22 февруари 2014 година во Украина се случи државен удар. Врховната Рада го отстрани претседателот Виктор Јанукович, кој беше принуден да ја напушти земјата поради страв за својот живот. Парламентот, исто така, го измени Уставот и распиша нови избори, на кои подоцна победи Петро Порошенко.

Украинскиот претседател денеска соопшти и дека доколку дојде до конфликт со Русија земјата мора да се потпре врз сопствените сили и војска.

Според него, Украина „осум години е во војна со Русија“ и ескалацијата е можна секој ден. Со оглед на тоа, Киев е целосно подготвен „за каква било ескалација“ и има „вистински разузнавачки информации, не само од нашите разузнавачи, туку и од земјите партнери“.

Од 2014 година, од Киев се слушаат гласини за акции на руските вооружени сили, вклучително и наводни планирани напади. Рускиот претседател Владимир Путин претходно изјави дека Русија нема да нападне никого. Според него, руската закана е „измислица на оние кои сакаат да ја искористат својата улога на фронтовска единица против Русија за да добијат некои бонуси и преференции за тоа“.

Москва постојано изјавува дека не е страна во внатрешниот украински конфликт и е заинтересирана Киев да ја надмине својата политичка и економска криза.

 

Поврзани новости