Зеленски разочаран од Западот – командантите веќе не го слушаат, само тој се уште верува во победа!

by Fokus

Новинарот на американскиот магазин Тајм – Симон Шустер напиша долга статија за украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговата битка да ја зачува надежта за победа на Украина во војната.

Меѓутоа, како што пишува Шустер, кој го придружуваше Зеленски за време на неговата посета на САД во септември, а потоа отиде во Киев каде разговараше со блиски соработници на украинскиот претседател, се чини дека се помалку луѓе веруваат во воена победа.

Зеленски, како што јасно покажува тонот на долгиот текстм е сè поосамен.

Прво, Шустер забележува дека на првиот ден од неговото патување во Киев, прашал лице од потесниот круг на претседателот како се чувствува Зеленски овие денови. Во истата секунда доби еден збор како одговор – лут.

По повеќе од една и пол година брутална и исцрпувачка војна, Зеленски ја загуби веселоста и неговата смисла за хумор повеќе не доаѓа до израз.

Сега само влегува во собата, слуша вести од бојното поле и од земјата, дава наредби и потоа заминува, вели еден од членовите на неговиот тим. Друго лице му кажа на Шустер дека Зеленски, пред сè, се чувствува предаден од неговите западни сојузници. Не му дадоа средства да ја добие војната, само да ја преживее.

Сепак, неговата верба во победата не се промени. И покрај неодамнешните тешкотии на бојното поле, особено релативно неуспешната офанзива и насилниот руски напад врз градот Авдиевка, тој нема намера да се откаже од борбата и да бара некаков мир. Напротив, неговата верба во дефинитивна победа над Русија се зацврсти толку многу што почна да загрижува некои негови соработници, пишува Шустер.

Станува збор за речиси месијанско убедување, се забележува во текстот.

„Се залажува. Немаме повеќе опции. Не победуваме – но обидете се да му објасните“, вели разочарано еден од советниците на Зеленски, пишува Тајм.

Украинскиот претседател е толку тврдоглав, велат дел од неговите соработници, што почна сериозно да ги попречува напорите за смислување нова стратегија, нова порака. Сè додека се разговара за иднината на војната, една работа останува табу: можноста за преговарање за некаков вид мир со Русите. Според последните анкети, повеќето Украинци би го отфрлиле таквиот предлог, особено ако тоа значи откажување од кој било дел од окупираните територии.

Освен фрустрирани советници, Зеленски веќе не е ни на иста бранова должина со некои воени команданти, пишува Тајм.

На пример, многумина веруваат дека фронтот нема многу да се движи во зимските месеци поради тешките услови на бојното поле. Зеленски не го прифаќа ова – за него „замрзнувањето на војната“ значи дека Украина губи. Пред да започне вистинската зима, соработниците на Зеленски предупредуваат дека може да дојде до голема промена во воената стратегија, но и промени во тимот на претседателот.

Наводно, барем еден министер си заминува, а разрешувањето се споменува и во контекст на еден од генералите кои се на чело на контраофанзивата. Причина за тоа е фактот што таа контраофанзива не вроди со плод.

„Не напредуваме“, кратко изјави еден од луѓето од внатрешниот тим на претседателот.

Освен тоа, рече истото лице, некои од командантите на првата линија почнале да одбиваат наредби за напад на одредени позиции, дури и кога доаѓаат директно од кабинетот на претседателот.

„Тие само сакаат да седат во рововите и да ја држат линијата на одбраната. И ние не можеме да ја добиеме војната на тој начин“ посочи тој.

Кога Шустер прашал еден од високите луѓе од украинската армија дали е тоа вистина, тој му рекол дека некои команданти едноставно немаат избор. Како пример, тој ја наведува ситуацијата од средината на октомври, кога политичката елита од Киев побарала да започне операција со цел заземање на Хорливка.

Тоа е поголем и стратешки важен град (во кој наводно живееле повеќе од 200.000 луѓе пред руската инвазија) во регионот Доњецк, кој се наоѓа јужно од Бахмут, и кој Русите го држат од почетокот на конфликтот во Украина – тоа е, во 2014 година.

Одговорот на Киев на таа наредба беше сосема концизен:

– А што треба да користиме за да го заземеме градот? Немаме ниту мажи ниту оружје. Каде се оружјето? Каде е артилеријата? Каде се новите војници?, забележува овој офицер.

Конечно, овде излезе на виделина уште еден, можеби клучен проблем на украинската армија. А тоа е дека недостатокот на луѓе стана поголем проблем од недостатокот на оружје и муниција. Дури и целото оружје што му беше ветено на Киев да дојде од Запад, сега, вели еден од соработниците на Зеленски, тие се во таква ситуација што веќе немаат луѓе кои би можеле да го користат, пренесува Јутарњи.хр.

Поврзани новости