Украинскиот претседател Володимир Зеленски и првата дама Олена Зеленска синоќа пристигнаа во официјална посета на Турција.
„Официјална посета на Турција заедно со првата дама.
Средби со претседателот Реџеп Таип Ердоган и првата дама Емине Ердоган.
Продолжуваме со сите напори за размена на воените заробеници – нашите луѓе мора да се вратат дома“, објави Зеленски на социјалните мрежи.
Тој додаде дека со турските власти ќе разговараат и за прашањата поврзани со сигурноста за обезбедување храна, додека неговата сопруга ќе се фокусира на образовната и културната дипломатија.
Шефот на Дирекцијата за комуникации на турското претседателство, Фахретин Алтун, најави дека Зеленски ќе престојува во официјална посета на Турција и дека турскиот претседател Ердоган денеска ќе го прими во Претседателската палата во Анкара.
Се очекува двајцата лидери да разговараат за стратешкото партнерство меѓу Турција и Украина, со фокус на зајакнување на односите во сите аспекти и договор за чекорите што треба да се преземат за натамошно зајакнување на соработката.