Европската унија и двете нејзини земји-членки, Литванија и Естонија, потпишаа денеска договори за безбедност со претседателот на Украина Володимир Зеленски на самитот на лидерите на блокот во Брисел.
„Договорот со ЕУ ја покажува посветеноста на блокот да и помогне на Украина во девет области на безбедносната и одбранбената политика – вклучувајќи испорака на оружје, воена обука, соработка во одбранбената индустрија и деминирање“, се вели во нацрт-договорот што го видел Ројтерс.
Договорот, заедно со документите потпишани со Литванија и Естонија, има за цел да ги надополни другите слични договори потпишани меѓу Украина и нејзините сојузници додека таа продолжува да се брани од руските напади.
Вакви договори со Киев потпишаа САД, Велика Британија, Франција и Германија.
Официјални лица велат дека договорите не се исти како и заемниот одбранбен пакт меѓу земјите на НАТО, но ветуваат дека ќе испратат оружје и друга помош во Украина за да ја зајакне нејзината безбедност и да го одврати секој иден напад.
– За првпат овој договор ќе ја зајакне посветеноста на сите 27 земји-членки на ЕУ да и пружат широка поддршка на Украина, без оглед на какви било внатрешни институционални промени – рече украинскиот претседател.
Дводневниот самит на ЕУ, на кој подоцна денеска ќе се разговара за помошта за Украина, доаѓа неколку дена откако Европската унија ги започна официјалните преговори за пристапување на Киев, процес кој обично трае со години, пишува Ројтерс.