Се поблиску сме до крајот на војната, поблиску отколку што мислиме, изјави претседателот на Украина Володимир Зеленски во интервјуто што го даде за ABC News.
Во оваа прилика Зеленски уште еднаш ги повика Вашингтон и другите партнери да продолжат да ја поддржуваат Украина, бидејќи како што рече првиот човек на Украина, „само силната позиција на Украина може да го охрабри рускиот претседател Путин да ја прекине војната“.
Зеленски од неделата престојува во САД каде ќе учествува на заседанието на Генералното собрание на Обединетите нации.
Украинскиот претседател ќе ја искористи оваа можност за бројни средби со светските лидери, а ќе разговара и со актуелните американски кандидати за нов претседател Камала Харис и Доналд Трамп.
„Уште еднаш, ги повикувам сите наши сојузници да ни помогнат да постигнеме заедничка победа за вистински праведен мир“, рече Зеленски, мислејќи на операцијата Курск.
„Путин многу се плаши од таа операција бидејќи неговите луѓе од неа видоа дека тој не може да ја брани целата своја територија“, заклучи Зеленски.