Зеленски падна право во стапицата што му ја подготви Трамп: Политички експерти за скандалот во Белата куќа

by Fokus

Жестоката расправија меѓу Доналд Трамп и украинскиот лидер Володимир Зеленски во Белата куќа минатиот петок беше внимателно смислен потег на претседателот на САД, оценува водечкиот германски експерт за меѓународна политика Томас Јегер од Универзитетот во Келн, пренесе агенцијата ДПА.

„Тоа беше Доналд Трамп, ѕвездата на реалното шоу, кој го прави токму она што го прави најдобро – омаловажува некого пред камера“, рече Јегер, продолжувајќи:„Тоа беше негов заштитен знак многу години и сето тоа беше однапред испланирано. Не е случајност, не е провокација. Тоа беше сценарио што се играше“, рече експертот за средбата, на која Трамп и неговиот потпретседател Џеј-Ди Венс го критикуваа Зеленски пред камера.

- Advertisements -

Она што требаше да биде можност да се разговара за безбедносната и економската соработка меѓу САД и Украина брзо се претвори во викање пред новинарите во Овалната соба.

Венс го обвини Зеленски дека не е доволно благодарен за долгогодишната помош на САД во борбата против руската инвазија, додека Трамп му рече на украинскиот претседател дека треба да склучи договор со Русија или да ја изгуби поддршката од САД.

„Вие се коцкате со животите на милиони луѓе. Се коцкате со Трета светска војна“, рече тој, покажувајќи кон Зеленски.

Украинскиот претседател, видно фрустриран, се обиде да објасни зошто не верува дека дипломатијата е доволна за да го убеди рускиот претседател Владимир Путин да стави крај на војната, сугерирајќи дека и САД ќе ги почувствуваат последиците доколку Украина биде принудена да прифати мировен договор под руски услови.

Разговорите набрзо пропаднаа, а украинската делегација ја напушти Белата куќа, оставајќи го договорот за минерали непотпишан. Трамп подоцна го обвини Зеленски за непочитување на САД, велејќи дека украинскиот лидер може да се врати „кога ќе биде подготвен за мир“.

Политикологот Јегер посочи под кој притисок бил Трамп откако ги започнал билатералните разговори со Русија.

„Во последните неколку дена стана многу јасно дека Трамп не прави никаков напредок во неговиот план некако да ја заврши оваа војна“, рече Јегер, алудирајќи на ветувањето што новиот американски претседател го даде за време на кампањата.

„И тоа е затоа што Русија ги диктира условите“, рече Јегер, опишувајќи го Трамп како човек на Путин во Белата куќа.

Меѓутоа, бидејќи американското население не му верува на Путин, Трамп „мора да ја понижи Украина, треба да го понижи Зеленски, за да му ја продаде на американскиот народ идејата дека нуди предлог да се стави крај на оваа војна, што во суштина значи капитулација на Украина и дека Украина, а тоа е резултат на средбата, едноставно повеќе не ја заслужува поддршката од Соединетите Држави“, изјави германскиот аналитичар.

Од друга страна, украинскиот политиколог Володимир Фесенко, кој важи за близок до Зеленски, рече дека верува оти мировните преговори се „сега на маса“ по конфликтот во Белата куќа, кој, како што тврди, ја предизвикал емотивноста на Зеленски и Трамп, како и „провокативната улога“ на Венс.

САД се најголемиот донатор на Украина, обезбедувајќи и оружје и друга помош за нејзината кампања против руската инвазија која трае повеќе од три години. Скандалот во Белата куќа ги поттикна стравувањата дека промената на американската политика кон Украина откако Трамп ја презеде функцијата пред нешто повеќе од еден месец, може да доведе до суспендирање на испораките на американско оружје за Украина.

Политичкиот експерт Кристијан Молинг рече дека ќе ја советува Европа брзо да почне да стои на свои нозе во однос на безбедносната политика по жестоката средба меѓу Трамп и Зеленски.

„Мораме многу брзо да се прилагодиме на фактот дека САД повеќе не се политички и воен лидер на НАТО“, изјави директорот на програмата „Европска иднина“ на фондацијата Бертелсман за германската јавна телевизија ZDF.

„Првото нешто што ни треба е организација на политичкото лидерство во Европа. Затоа што САД секогаш го поставувале темпото“, додаде Молинг.

Експертот истакна дека ниту една европска земја во моментов не е доволно силна да го преземе водството, додавајќи дека ова ќе биде најтешката точка за која европските лидери ќе треба да се договорат:„Кој може да зборува во името на кого? И кој на крајот може да донесе одлуки за живот и смрт?

Поврзани новости