Зеленски носи пиштол, подготвен е за најлошото

by Fokus

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју емитувано денеска за украинската телевизија призна дека носи пиштол и знае како да го користи.

– Знам да пукам. Можете ли да замислите наслов како „Претседателот на Украина заробен од Русите?“ Тоа е срамно. Верувам дека тоа би било срамота – изјави Зеленски за украинската телевизија „1+1“.

Тој додаде дека ќе се борел до смрт заедно со неговите најблиски соработници доколку Русите упаднале во неговиот штаб во Киев на почетокот на војната, пренесува Ројтерс.

Во првите денови од нападот на таа земја, украинските власти тврдеа дека руските разузнавачки единици се обиделе да влезат во Киев, но биле поразени и не стигнале до улицата Банкова во центарот на градот, каде што се наоѓа кабинетот на претседателот.

Други руски единици извршија напад на периферијата на Киев, но не постигнаа напредок. Украинските власти тврдат и дека имало уште неколку неуспешни обиди за саботажа во градот, пренесува Ројтерс.

– Мислам дека ако влегоа внатре, во администрацијата, немаше да бидеме таму – рече Зеленски, без да прецизира на кои руски единици мисли.

Тој додаде дека никој нема да биде заробен бидејќи Украина многу сериозно ја подготвила одбраната на улицата Банкова.

– Ќе бевме таму до последниот човек – рече тој.

На прашањето дали носел пиштол и дали вежбал да го користи, Зеленски одговорил потврдно.

Тој го отфрли предлогот дека можел да го употреби пиштолот за да се самоубие и да избегне фаќање.

– Не не не. Тоа не служи да пукам во себе. Тој служи за возвраќање – рече Зеленски.

Поврзани новости