Зеленски: Нема да бидат доволни само безбедносни гаранции од Европа, без гаранции од САД

by Fokus

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека за Украина нема да бидат доволни само безбедносни гаранции од Европа, без гаранции од САД, бидејќи, како што наведе, лидерот на Русија, Владимир Путин, не се плаши од Европа.

– Верувам дека никогаш нема да бидат доволни само безбедносни гаранции од Европа. Европејците разбираат дека без безбедносните гаранции на САД, претседателот Трамп, тоа нема да биде доволно. Путин не се плаши од Европа. За жал, така е – изјави Зеленски во интервју за „Фокс њуз“.

Според него, Путин не сака да стави крај на војната, а Украина нема да ја признае окупацијата на нејзините територии.

Зеленски повика на зголемен меѓународен притисок врз Путин, особено од Кина, за да се постигне договор, како и „пошироки безбедносни гаранции“.

Тој истакна дека од целосната инвазија во 2022 година, Украина зазеде 50 отсто од територијата што некогаш ја држеа руски војници.

– Би сакале да постигнеме праведен крај на оваа војна. Ние не се плашиме. Русија не е толку силна, но не сакаме да изгубиме повеќе животи на нашите мажи и жени – додаде украинскиот лидер.

Зеленски, исто така, смета дека реториката на американскиот претседател Доналд Трамп кон Путин во врска со преговорите за постигнување мировен договор во стилот на завршување на војната или зголемување на економскиот притисок е „точна и фер“.

– Токму од тоа се плаши Путин. Тој не сака силна поддршка од Трамп за Украина, бидејќи тоа ќе ја направи Украина посилна – рече Зеленски.

Тој додаде дека ако претседателот Трамп сака да го принуди Путин да склучи мир, „тој може да го направи тоа“.

Поврзани новости