Украинските сили претрпуваат големи загуби во борбите против руските војници и во градот Северодонецк и во регионот Харков, објави Ројтерс, цитирајќи ја изјавата на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Во своето вечерно обраќање тој исто така рече дека на Украина во моментот и е потребно модерно противракетно оружје, додавајќи дека не може да има оправдување за земјите партнери да го одложат снабдувањето. Некои руски проектили ја избегнаа одбраната и нанесоа жртви, рече Зеленски. Украина соопшти дека нејзините сили се уште се обидуваат да ги евакуираат цивилите од Северодонецк откако Русија го уништи последниот мост во градот.
„Најтешките борби, како и досега, се во Северодонецк и другите блиски градови и села. Загубите, за жал, се болни“, рече Зеленски.
„Но, мораме да останеме силни – да останеме силни е многу критично за Донбас. Колку повеќе загуби непријателот претрпи таму, толку помалку сила ќе му остане за да ја продолжи својата агресија“, додаде тој.
Украина, исто така, трпи „болни загуби“ во регионот Харков, источно од Киев, каде Русија се обидува да ја зајакне својата позиција откако неодамна беше одбиена, рече Зеленски.
„Борбите таму продолжуваат и ние мора да продолжиме да се бориме, да се бориме силно“, додаде тој.