Зеленски мора да попушти!

by Фокус

Да се откаже од НАТО, да прифати некои од непристојните барања на Русија и да проба да си го спаси својот народ од урнатините. Нека „капитулира“ како Австрија пред Хитлер, како вистинската мајка од мудроштиите на Соломон, баш во име на бескрајната љубов кон Украина

Пишува Ана ПАНОВСКА

Уште кога бев мала, многу сакав да ги слушам радиодрамите на Радио Скопје. Една таква радиодрама уште тогаш ми остави многу силен впечаток. Се викаше „Кругот со креда“. Се работеше за две жени и едно бебе, за кое и едната и другата жена тврдеа дека му се мајка. Двете се колнеа и плачеа, и убедливо му изгледаа на судијата.

Откако добро размисли, тој нареди во судницата да се нацрта еден круг со креда и во центарот да го стават детето. Потоа им рече на жените: „Еве ви го детето, па која ќе си го земе, таа е мајката.“ Тогаш жените навалија да го тргаат детето од кругот, но набргу едната се откажа и дозволи другата да го зграпчи и да си го земе.

Судијата тогаш пресуди: „Таа што го испушти детето е вистинската мајка. Се откажа само за да си го спаси детето, да ѝ остане живо и неосакатено.“ Се разбира, подоцна дознав дека ова било само преработка на легенда од Библијата, во делот: „Мудростите на Соломон“.

РУСИЈА Е ПОБЕСНЕТ ЅВЕР

Овие денови, гледајќи ги стравотиите што му се случуваат на украинското население, често мислите ми се навраќаат на драмата „Кругот со креда“. И кога ги гледам исцртаните мапи на пробивот на руската војска во џигерот на Украина, во тој круг гледам како се кине телото на Украина, како паѓаат и горат станбени згради, како гинат луѓе, цивили, особено мали деца кои само што прогледале за навек замижале погодени од руските гранати; срце да ти се кине за оние дечиња во збеговите кои кротко, умно го поднесуваат големиот студ, паткаат без да се тегават и да врескаат, разбирајќи ја тешката порака на војната.

Украина стана пеплосана земја. Се брани со сите сили, дава невиден отпор и покажува едно исконско, суштинско родољубие.

Но, Русија е побеснет ѕвер со седум глави што гризе од сите страни. Сочувствуваме и навиваме за Украина. Типуваме уште колку време ќе издржи, се „радуваме“ (пуста радост!) што руската воена машинерија, ете, не успеала да ја заземе Украина така како што планирала, да ги столчи набрзина нејзините одбранбени сили, ако не за два-три дена, ама за недела, две, да влезе и во Киев.

И додека се преговара за прекин на војната, окупаторските војски уште пожестоко напаѓаат и напредуваат. Луѓето гинат како покосени. Јас знам дека секоја пропаганда во воени услови си работи за својата страна и прикажува помалку жртви отколку што навистина има.

ВО ИМЕ НА БЕСКРАЈНАТА ЉУБОВ КОН УКРАИНА

Како и да е, сите сме свесни дека Украина не може да ја добие оваа војна со стопати помоќниот воен потенцијал на Русија без воена помош однадвор. И Зеленски е свесен за тоа. Најверојатно веќе разбира дека воена помош од западниот свет нема да добие. И на Европа и на Америка рацете им се врзани со заканата на Путин со нуклеарен одговор доколку НАТО се замеша во конфликтот.

Е, сега, да се вратам на библиската легенда од почетокот. Се исплати ли Зеленски толку упорно да се бори, толку луѓе да изгинат; се исплати ли неговото чедо Украина непријателот да го срамни со земја, да го потамани украинскиот народ, да го расее низ светот како некое номадско племе, за кое во догледно време нема враќање дома, во татковината. Не!

Зеленски мора да попушти! Да се откаже од НАТО, да прифати некои од непристојните барања на Русија и да проба да си го спаси својот народ од урнатините. Нека „капитулира“ како Австрија пред Хитлер, како вистинската мајка од мудроштиите на Соломон, баш во име на бескрајната љубов кон Украина.

А, на Путин, по овој жесток украински отпор веќе му е јасно дека Украина по оваа војна можеби извесен период ќе биде физички поробена. Но исто така му е јасно дека борбата на украинскиот народ за слобода е конечно извојувана. И последното зрно наклонетост на Украинците кон Русија засекогаш е изгубено. Русија веќе за Украинците никогаш нема да биде „мат раднаја“!

Поврзани новости