Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави денеска дека е потребно „значително забрзување“ на испораките на оружје од неговите партнери за да можат неговите војници да се соочат со руските војници во неколку сектори на првата линија на фронтот.
Зеленски го изјави ова откако се дозна дека украинските сили се повлекле од селата во некои од спорните сектори во двегодишната војна.
„Потребно ни е значително забрзување на снабдувањето со цел опипливо да ги подобриме способностите на нашите војници“, рече Зеленски.
Тој особено ја нагласи важноста на испораката на американско оружје, по шестмесечната блокада, како критична за корекција на состојбите на клучните точки на илјада километарската линија на фронтот.
„Овие залихи мора да ја нарушат логистиката на окупаторите и да го отежнат нивното стационирање на окупираната територија“, додаде тој.
Набројувајќи ги областите на исток и североисток каде борбите се уште се интензивни, Зеленски рече дека Русија мора да биде потисната секаде каде што создава притисок.