Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина мора да стори сé што може за да се осигура дека војната со Русија ќе заврши следната година преку дипломатија, пишува денеска Ројтерс.
Во интервју за радио, Зеленски призна дека ситуацијата на бојното поле во источна Украина е тешка и дека руските сили напредуваат. Тој исто така рече дека неговиот руски колега Владимир Путин не е заинтересиран да се согласи на мировен договор.
Зеленски рече дека американскиот закон го спречува да се сретне со новоизбраниот претседател Доналд Трамп пред неговата инаугурација во јануари. Тој исто така рече дека ќе разговара само со Трамп, а не со кој било пратеник или советник.
Јас, како претседател на Украина, сериозно ќе прифатам разговор само со претседателот на САД, со целосна почит кон другите луѓе. Од наша страна мораме да направиме се за да ја прекинеме таа војна следната година со дипломатски напори“, рече Зеленски.
Еден ден претходно, Зеленски оцени дека „војната ќе заврши побрзо“ под американската администрација предводена од претседателот Доналд Трамп, пофалувајќи ги неговите последни контакти со републиканецот и покрај стравот од пад на поддршката на Вашингтон за Украина.
Зеленски истакна дека имал „конструктивна интеракција“ со Трамп за време на нивниот телефонски разговор по победата на Трамп на претседателските избори во САД. Доналд Трамп „ги слушна основите на кои се потпираме. Не сум слушнал ништо што е во спротивност со нашата позиција“, додаде тој.