Руските сили продолжуваат да напредуваат во освојувањето на источна Украина. Стратешки важниот град Северодоњецк речиси и да не постои од интензивните гранатирања. Синоќа е уништен и последниот мост кој го поврзува градот со украинската територија, односно со блискиот град Лисичанск.
Тоа значи дека сега нема начин како да се достави хуманитарната помош до заробените цивили, а не може да стане збор ниту за евакуација.
-Жестоката битка за Северодоњецк ќе остане запаметена како една од најбруталните борби кои Европа некогаш ги видела, а за која Украина плаќа застрашувачка цена – порача Зеленски.
По евентуалното целосно освојување на Луганск, фокусот на руската инвазија се очекува да биде на регионот Доњецк, по што се очекува дека рускиот претседател Владимир Путин ќе прогласи анексија на целиот регион Донбас.
Но, тоа не доаѓа предвид за Зеленски, кој вели дека за да се справи со злото нема друг избор освен да продолжи понатаму и да го врати и анектираниот Крим.