Володимир Зеленски предвреме ја напушти Белата куќа по тензичниот состанок со Доналд Трамп и Џеј-Ди Венс, кои жестоко го нападнаа.
Од Белата куќа соопштија дека е откажана планираната прес-конференција на Трамп и Зеленски, на која требаше да се потпише договор за ретки минерали.
Според висок американски функционер, Трамп не ја отфрла можноста за склучување договор, но бара конструктивен разговор од Украина.
Веднаш по завршувањето на состанокот, Трамп се огласи на својата социјална мрежа.
„Зеленски покажа непочитување кон САД во нашиот ценет Овален кабинет. Може да се врати кога ќе биде подготвен за мир“, напиша Трамп, кој не го испрати Зеленски при излегувањето од Белата куќа.
Зеленски денеска пристигна во Вашингтон со цел да го потпише договорот за ретки минерали, што Трамп го смета за клучен за брзо завршување на војната во Украина, но состанокот во Белата куќа заврши лошо за украинскиот претседател откако мораше да се брани од жестоки вербални напади.
Меѓу другото, Трамп и Венс го обвинија дека е неблагодарен и не покажува почит кон САД и му порачаа да го потпише договорот или САД целосно ќе ја повлечат поддршката за Украина.
Полска, Франција и Шпанија се меѓу европските земји кои реагираа по бурната средба во Белата куќа, давајќи им поддршка на Зеленски и Украина.
Заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, рече дека Зеленски беше „жестокo искаран“ во Овалната соба, додавајќи дека Русија „мора да ја запре воената помош“ на Украина.
Новинарите на руската државна телевизија изгледаа шокирани од пропаднатиот разговор меѓу Трамп и Зеленски, но задоволни од коментарите на Трамп.