Зеленски им воведе санкции на грузиските власти

by Fokus

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, потпиша указ за спроведување на одлуката на Советот за национална безбедност и одбрана за воведување санкции на проруската влада на Грузија.

„Само што потпишав указ за спроведување на одлуката на Советот за национална безбедност и одбрана за санкции. Тоа се санкции на дел од владата во Грузија, која му ја предава Грузија на Путин. Против ова се протестите што се одржаа во Грузија. Важно е и партнерите да зборуваат за нивната позиција сега, тие искрено да кажат што се случува, а ние треба да дејствуваме“, рече Зеленски во изјавата на веб-страницата на претседателството, која ја пренесе Укринформ.

Зеленски изјави дека доколку навреме не се постапи по меѓународните односи или не се постапи принципиелно, тогаш ќе се изгубат децении и на државите ќе им биде одземена слободата.

„Не можеме да изгубиме никого во овој регион – ниту Грузија, ниту Молдавија, ниту Украина. Мораме заедно да се браниме од Москва“, нагласи Зеленски.

Со декрет, Украина воведе санкции против основачот на партијата „Грузиски сон“ Биџин Иванишвили и уште 19 лица кои се негови соработници, за кои Зеленски изјави дека се луѓе кои „ги продаваат интересите на Грузија и на народот“.

„Ги повикуваме Европа, Америка, сите во светот да се однесуваат на ист начин – да се однесуваат по принцип“, додаде Зеленски.

Прописот за воведување санкции влегува во сила со денот на објавувањето.

Речиси една недела траат протестите во Грузија, откако премиерот на таа земја Иракли Кобахиџе најави дека прашањето за преговорите за влез во Европската унија ќе се одложи до 2028 година.

Балтичките земји веќе најавија санкции против грузиските службеници кои учествуваа во насилното задушување на протестите, вклучително и против поранешниот премиер Биџин Иванишвили.

Поврзани новости